Блог за когнитивни науки и други љубопитности

За промената на името и последиците по Уставот на Република Македонија

А што се однесува до уставот, гарантирам, одличен Устав имаме, европски Устав, Уставот нема да дозволам никој да го смени. Уставот ќе се почитува, Уставот ќе се спроведува. НЕМА МЕНУВАЊЕ НА УСТАВОТ, бидете спокојни, не дозволувајте режимот повеќе да ве лаже, за да обезбеди нови 4 години власт, за уште да ве осиромашува, а тие да се богатат.

Ова беа зборовите на Зоран Заев, како претседател на СДСМ, кажани за време на митинг во Делчево (29.11.2016) во екот на кампањата за парламентарните избори 2016. Во својот говор, недвосмислено и јасно гарантира дека нема да дозволи менување на нашиот Устав којшто го смета за „одличен и европски“, доколку граѓаните на РМ му ја дадат довербата за да стане премиер на Република Македонија.

Сега, премотуваме година дена нанапред. Заев успеа да стане Претседател на Владата на РМ. Еден од главните проблеми кои неговата влада вети дека ќе ги реши на патот кон ЕУ и НАТО е и долгогодишниот проблем со нашиот јужен сосед кој го оспорува уставното име на земјава. Одговарајќи на новинарско прашање за време на заедничката прес конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, Заев изјави дека Македонија и Грција после подолго време повторно ги затоплиле пријателските односи. Тој рече:

Верувам, а добивам и информации од грчка страна дека кај медиумите, но и кај граѓаните има позитивна атмосфера. Сето тоа ни дава за право како крајно сериозни политичари да го искористиме позитивниот момент и да најдеме решение за овој проблем, кој Грција го има со нашето уставно име.

Во насока за решавање на проблемот со името, специјалниот посредник на ОН Метју Нимиц закажа средба со претставниците од двете земји во Брисел на 11 и 12 декември, а американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Брајан Ји претходно оцени дека изнаоѓањето решение за името е најблиску досега. И грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас очекува дека прашањето ќе биде решено во првата половина на 2018 година.

Значи, цела тајфа се за решавање на спорот со уставното име. Но што тоа значи? Што е „решение“? Каква отстапка(и) треба Република Македонија да направи за да ја задоволи грчката страна?

Размислувајќи на темата, дојдов до заклучок дека Заев на митингот во Делчево го направи она обратното од поговорката, т. е. касна мал залак и голем збор кажа. Дојдов до заклучок дека било каков договор за промена на името ќе изискува и промена на македонскиот Устав. Еве зошто.

Целосното и официјално име на македонскиот устав е „Устав на Република Македонија : со амандманите на Уставот I-XXXII.“ Повторувам, Устав на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Било која промена на името на републиката ќе предизвика и потреба за промена на Уставот, бидејќи овој устав што го имаме сега, ќе се однесува на „непостоечка“ држава по договарање поинакво име од „Република Македонија“.

Поимот „Република Македонија“ во Уставот се среќава 288 пати во изданието на Службениот весник од 2011. Покрај тоа, се среќаваат придавките, изразите и поимите македонскиот народ, македонскиот јазик, Македонија, македонската држава, суверена држава Македонија, Македонската православна црква, Македонци итн. Придавките се посебна категорија на зборови кои се изведени од именката „Македонија“ и доколку настане промена на името на државата преку додавање на било каква одредница, тогаш самите придавки и нивната употреба ќе бидат доведени во прашање.

Под претпоставка дека договор за промена на уставното име би довел до отпочнување на постапка за менување на македонскиот устав, во следните параграфи да разгледаме како би можело тоа да се одвие.

Постапката за изменување на Уставот на РМ е утврдена во самиот Устав на РМ, поточно во член 131 и амандман XVIII во кои се вели:

Член 131 *)
Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија.

Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Измената на Уставот ја прогласува Собранието.

*) Со Амандман XVIII се додава нов став 4 на член 131 од Уставот на Република Македонија.

АМАНДМАН XVIII
1. Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
2. Со овој амандман се додава нов став 4 на член 131 од Уставот на Република Македонија.

Внимателно читајќи го членот 131 и амандманот на истиот, доаѓаме до заклучок дека во Уставот се вградени контролни механизми коишто ја прават постапката за неговото изменување комплицирана и бавна со цел секоја предложена измена добро да се изанализира и издебатира пред да се воведе во овој нависок државен акт. Исто така ваквите механизми спречуваат злоупотреба од партијата којашто е моментално на власт и ужива мнозинство во Собранието на РМ. Евентуална измена на Уставот поради смена на уставното име во договор со Грција технички би се извела во пет фази[1]:

  1. давање предлог за пристапување кон измена на Уставот;
  2. носење одлука за пристапување кон измена на Уставот;
  3. утврдување нацрт на актот за измена;
  4. утврдување предлог на актот за измена;
  5. и одлучување и прогласување на уставната измена од страна на Собранието на РМ.

(1) Предлогот за пристапување кон измена на Уставот може да го поднесат Претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници во Собранието и 150,000 граѓани. (2) Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја носи Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. (3) Нацртот за измена на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници врз основа на претходна верификација од Комисијата за уставни прашања на Собранието. (4) Предлогот за измена на Уставот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови. И конечната (5) одлука за прогласување на уставната измена ја носи Собранието со двотретинско мнозинство.

Со имплементирањето на Рамковниот договор од 2001 во Уставот на РМ, дополнително се уредува изменувањето на Уставот со воведување на двојно мнозинство гласови („Бадентерово мнозинство“), т. е. двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници што припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Двојно мнозинство потребно е за менување на преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, одредбите за правата на припадниците на заедниците, одредбите што се однесуваат на службената употреба на јазиците, еднаквоста на граѓаните, слободата на вероисповест, Народниот правобранител, Комитетот за односи со заедниците, Советот за безбедност, Судскиот совет, Уставниот суд на РМ, итн.

Од анализата на постапката за промена на Уставот која е сумирана во Слика 1, може да се заклучи дека двотретинско мнозинство потребно е за изгласување во три фази од постапката (фаза 2, 4, 5), едно квалификувано мнозинство во фаза 3, а за измени на преамбулата и одредби кои се однесуваат на заедниците и темелните вредности на уставниот поредок во Република Македонија, дополнително се бара двојно мнозинство („Бадентерово мнозинство“).

Постапка за промена на Уставот на РМ
Слика 1. Постапка за измена на Уставот на РМ и потребните мнозинства за исполнување на одредбите за изменување предвидени во самиот Устав.
Оттука, доколку Владата предводена од Зоран Заев договори промена на името со Република Грција, очекувано ќе мора да се поведе и постапка за менување на македонскиот Устав. Доколку отпочне таква постапка, Владата ќе мора да ги убеди пратениците од опозицијата, во овој случај ВМРО-ДПМНЕ, во четири наврати да гласаат за измените со цел да се постигне двотретинско мнозинство што е навистина тешко да се замисли во овој момент. Постигнување на потребно мнозинство дополнително се обременува и со воведувањето на Бадентеровото мнозинство за клучни одредби од Уставот.

Се разбира, сево ова важи доколку дојде до промена на името на републиката, доколку се отпочне постапка во согласност со Уставот на РМ и доколку впрочем, се почитува овој највисок државен акт од страна на Владата и Собранието.

Големите зборови на Зоран Заев кажани на митингот во Делчево, големите ветувања, големите обврски кои ги превзеде на себе во однос на тоа дека нема да дозволи менување на Уставот, останува да видиме дали ќе бидат одржани и исполнети. Останува да видиме дали тоа ќе биде така или пак Владата предводена од СДСМ ќе најде начин преку форми на фактичко менување, односно со „промена на пишаниот текст во Уставот без спроведување на утврдената постапка за негово менување …. создавање ново правило на однесување што нема формална потврда во уставниот текст,“[2] да го заобиколи овој проблем и de facto да ја преименува државата во договор со Грција без да го промени пишаниот текст во Уставот.


  1. Шкариќ, С. (2015). Уставно право. Скопје: Култура, стр. 267.  ↩
  2. Ibid., стр. 276.  ↩

Имате ли коментар? Напишете го тука:

Вашата е-адреса нема да биде јавно објавена.