Блог за когнитивни науки и други љубопитности

Што е ново во новиот Предлог-закон за јазиците?

НАПОМЕНА: Не сум правник по занимање и овој текст е лично толкување на содржината на новиот Предлог-закон за употреба на јазици, но тоа не значи дека треба веднаш да се дискредитира моето мислење само поради тоа што немам завршено правен факултет. Законите се текстуални документи кои секој може да ги чита, не содржат математички равенки или хемиски формули. Со малку труд и логичко размислување, со малку трпение и истрајност, секој од нас начелно може да ја разбере содржината и врз основа на својот правен инстинкт, да донесе рационален заклучок. Секој коментар или корекција на моето толкување се добредојдени подолу во секцијата за коментари.


Содржина:

Вовед

1. Различни наслови

2. Стариот закон без, новиот со европско знаменце

3. Законот од 2008 предвидува употреба на малцинските јазици само на локално, а со новиот Предлог-закон употреба и на централно ниво

4. Промовирање само на албанскиот јазик, дискриминирање на останатите малцински јазици

5. Имплицирање можност за меѓународна употреба на албанскиот јазик

6. Целосна и задолжителна употреба во Собранието на РМ

7. Владата на РМ повеќе нема да работи само на македонски

8. Задолжителни двојазични веб страници, печати, називи на институции и канцеларии и на централно ниво

9. Промена на пари, поштенски марки, униформи

10. Повеќејазично судство и нотари

11. Проширување на употребата на малцинските јазици во изборниот процес

12. Употреба на малцинските јазици на граничните премини и аеродромите

13. Службениот весник на РМ во најмала рака станува двојазичен

14. Формирање на агенција и инспекторат во кои ќе се вработуваат дипломирани филолози по албански јазик

15. Казни и глоби за правни и физички лица

Заклучок


Вовед

Владата на Република Македонија на 5 Август усвои Предлог-закон за употреба на јазиците. За да предлогот стане закон, текстот мора да се игласа во собраниска процедура. Засега, сѐ уште нема информации кога таа ќе го достави предлогот за расправа и гласање до Собранието. Владата новиот Предлог-закон го третира како дел од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2017-2019, што значи дека го смета за неопходен за нашето европско интегрирање. Сите документи кои се однесуваат на пристапување на земјава во ЕУ и усогласување на нашето законодавство со европското, се означуваат со „знаменце на ЕУ“. Предлог-законите кои се обележани со знаменце се гласаат во забрзана постапка во Собранието на РМ која не може да трае повеќе од 10 дена. За неговото реализирање и имплементирање предвидено е дека ќе бидат потребни повеќе до 1,720,000 евра кои ќе се обезбедат од буџетот на РМ за 2018 година.

На овој Предлог-закон, му претходи „Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“, донесен во 2008 како последица од потпишувањето на Рамковниот договор и следствено, промената на Уставот во ноември, 2001. Во јавноста се јавија забуни за потребата од донесување на нов закон за истата материја. Многумина негодуваа и критикуваа дека се отвораат стари прашања, дека Рамковниот договор е веќе целосно имплементиран во однос на прашањата за јазикот на малцинствата и дека нема потреба да се „поправа тоа што не е скршено“. Глува за таквите критики, Владата на РМ упорно лобира за Предлог-законот, прикажувајќи го како нешто со што се исправаат „недоследности во примената и опфатот на постојаната правна регулатива“. Потребата за нов закон е нејасно и бегло оправдана во воведниот дел на Предлог-законот, каде без многу образложување пишува дека:

Во досегашната пракса и детектираните недоследности во примената и опфатот на постојната правна регулатива, констатирана е потреба од доуредување на правната материја со која се регулира употребата на јазиците, поради што Владата на Република Македонија, предлага нов Закон за употреба на јазиците.

Понатаму, во документот е наведена и основната цел на новиот закон, која е „доследно преточување на уставните амандмани во законски текстови во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо“, со што на индиректен начин се тврди дека Законот од 2008 недоследно ги преведува уставните амандмани кои исто така произлегуваат од Рамковниот договор. Според Владата, причината за новиот закон е „недоследноста“ на стариот.

За да нешто се нарече ново, мора да се пронајде во што се разликува од старото. Во следниот дел од текстот, ќе се обидам да го пронајдам „новото” во Предлог-законот во споредба со Законот од 2008.

1. Различни наслови

Насловот на новиот Предлог-закон е различен од насловот на Законот од 2008 година. Стариот закон во насловот недвосмислено укажува дека ја регулира употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа. Ново-предложениот закон едноставно е насловен како „Закон за употреба на јазиците“, за кој професорите Симона Груевска-Маџоска и Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” сметаат дека македонскиот престанува да се третира како основен официјален/службен јазик во земјава и се сведува на еден од „јазиците во Република Македонија”.

2. Стариот закон без, новиот со европско знаменце

Законот од 2008 (оправдано) не беше третиран како закон со кој се усогласува македонската со европската регулатива и не беше донесен со европско знаменце. За разлика од 2008, Предлог-законот од 2017 е обележан со европско знаменце. Нејасно е зошто е превземен ваков чекор кога содржината на предлогот нема врска со било какво моментално усогласување на македонското со европското законодавство со цел земјата да влезе во ЕУ. Всушност, предлогот третира тема која е специфична само за Република Македонијa, во специфичен контекст својствен за земјава. Според ВМРО-ДПМНЕ, вклучувањето на овој Предлог-закон во процесот за ЕУ интегрирање е направено со цел да се спречи поширока дебата за истиот, да се донесе што е можно побрзо откако ќе влезе во собраниска процедура и да се изземе од одговорност предлагачот, во овој случај Владата на РМ предводена од Зоран Заев.

3. Законот од 2008 предвидува употреба на малцинските јазици само на локално, а со новиот Предлог-закон употреба и на централно ниво

Член 1 од стариот Закон од 2008 недвосмислено укажува дека малцинските заедници над 20% го уживаат правото да го користат својот мајчин јазик исклучиво во единиците на локалната самоуправа. Тој вели:

Со овој закон се уредува употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

Таквото формулирање произлегува од и е во согласност со Уставот на Република Македонија, поточно со амандман V:

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Понатаму, член 2 од Законот од 2008 подетално го дефинира опфатот на самиот закон, т. е. ги листа институциите и постапките во кои овој закон може да се применува:

Јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија се употребува во Собранието на Република Македонија; комуникација на граѓаните со министерствата, судските постапки; управната постапка; извршување на санкции; народен правобранител; изборниот процес; при непосредно изјаснување на граѓаните; при издавањето на личните документи на граѓаните; при водењето на матичната евиденција; примена на полициски овластувања; во радиодифузната дејност; инфраструктурни објекти; локалната самоуправа; финансиите; економијата; образованието и науката; културата и во други области и институции согласно со овој закон.

Може да се заклучи дека употребата на јазиците од страна на малцинствата непречено се спроведува во сите институции и постапки на локално ниво, односно во општините каде над 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот. Истовремено, амандман V од Уставот на РМ гарантира комуникација и употреба на втор службен јазик со подрачните единици на министерствата.

За разлика од стариот, новиот Предлог-закон воведува употреба на малцинските јазици и на централно ниво. Во став 3, член 1 од Предлог-законот пишува:

(3) Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

Предвидената имплементација на малцинските јазици во институциите на централната власт, de facto, ја проширува нивната употреба и на ниво на целата држава, вклучително и во општините каде што живеат само Македонци. Тоа е од причина што локалните власти се во постојана интеракција и комуникација со централната власт. На пример, доколку одредено службено лице вработено во институциите на централната власт се повика на Предлог-законот, комуникацијата ќе мора да се одвива двојазично со општините каде се зборува само македонски јазик; во најмала рака ќе се создаде колизија меѓу личното право да се зборува на мајчиниот јазик различен од македонскиот кое е загарантирано со новиот Предлог-закон и Уставот кој гарантира дека македонскиот јазик е службен на целата територија од земјата. Во предложениот закон, постои и инхерентна контрадикторност помеѓу амандманот V од Уставот на РМ кој вели дека малцинствата си ги остваруваат своите јазични права на локално ниво, т. е. во единиците на локалната самоуправа, спротивно на Предлог-законот кој ја гарантира употребата на централно ниво.

4. Промовирање само на албанскиот јазик, дискриминирање на останатите малцински јазици

Еден од најконтроверзните ставови на Предлог-законот е став 2 од членот 1, во кој се вели „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.“ Издвојувањето на албанскиот јазик во заграда е во целосна спротивност со Уставот на РМ во кој јазикот на ниту едно малцинство во земјава не се именува и издвојува, не му се додава или одзема вредност, туку во функција на рамноправност — Уставот секогаш ја користи фразата „ јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните.“ Нашиот Устав ги препознава и третира сите малцинства во Македонија рамноправно — „граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“, како што е наведено во амандманот IV. Со додавањето на албанскиот јазик во заграда, се дискриминираат останатите малцинства во РМ кои зборуваат поинаков јазик од македонскиот и албанскиот. Промовирањето и издвојувањето на албанскиот јазик ќе предизвика двојазична држава, во која сите други јазици се маргинализирани и дискриминирани. Тука се поставува и прашањето дали овој закон ќе соодветствува со некоја нова идна реалност кога некое друго малцинство би надраснало 20%, но би зборувало на јазик различен и од македонскиот и од албанскиот. За разлика од новиот предлот, Законот од 2008 ја користи истата фраза како и Уставот на РМ и со тоа не издвојува и не дискриминира ниту едно малцинство по било кој основ.

5. Имплицирање можност за меѓународна употреба на албанскиот јазик

Додека Законот од 2008 воопшто не споменува никаква употреба ниту на државно ниту пак на меѓународно ниво на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, новиот Предлог-закон за употреба на јазиците имплицитно ја остава таа можност. Имено, ги повторува нејасните параграфи од амандманот V од Уставот, ги препишува вербатим и ја додава фразата „албански јазик“ во заграда. Така што, ставовите 1 и 2 од членот 1 на Предлог-законот пишуваат:

(1) На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
(2) Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

Се јавува истиот проблем којшто се наоѓа и во амандман V од Уставот — нејасно е дали вториот службен јазик (во случајов потенцирано албанскиот) би се употребувал и за меѓународна употреба. Предлог-законот не допринесува за појаснување на овој лингвистички проблем, напротив, го обременува и дополнително комплицира со издвојувањето на албанскиот јазик во заграда. Веќе подолго време овој проблем го забележуваат и потврдуваат професорите Груевска-Маџоска и Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Можеби лидерот на ДУИ Али Ахмети се надева да ја искористи токму оваа нејаснотија во правните акти и документи во македонската легислатива, повикувајќи албанскиот јазик да се користи и за меѓународна употреба во своето интервју за порталот post.mk во кое зборува за имплементацијата на Охридскиот договор.

6. Целосна и задолжителна употреба во Собранието на РМ

Пратениците, избраните и именуваните функционери од Собранието, според Законот од 2008 и неговата измена во 2011, може да користат јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ само кога говорат на седници на Собранието и работните тела, кога претседаваат со седници на работните тела и да ги добиваат собраниските материјали на тој јазик (член 3).

Предлог-законот од 2017 ја регулира истата тематика во член 4 од истиот и воведува неколку битни разлики. Како што забележува професорката по Уставно право и политички систем Гордана Силјановска, стилот на кој се напишани ставовите се менува од доброволен во императивен. На пример, претходниот Закон од 2008 сосе измената од 2011 вели:

Пратеник, избран или именуван функционер од Собранието на Република Македонија, кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, МОЖЕ на седница на Собранието и на седница на работното тело да зборува на тој јазик.

Намерно го потенцирав зборот МОЖЕ за подобро да се воочи разликата со формулацијата во новиот Предлог-закон кој во став 2, член 4 вели:

(2) Пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, на седница на Собранието на Република Македонија и седници на работни тела зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија.

Забележете дека зборот „може“ исчезнува од Предлог-законот менувајќи го суптилно, но драстично. Ваквата формулација не остава можност уживателот на правото сам да одлучи дали ќе зборува на јазик различен од македонскиот за време на седниците и му наложува да „зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија“. И не застанува тука, во сите останати членови во Предлог-законот се користи императивен, задолжителен, наредувачки стил со кој не се остава можност за избор некој по своја волја да одлучи дали ќе ги користи правата дадени со овој закон или пак не.

Стенограмите од седниците, сите закони и други акти што ги донесува Собранието според новиот Предлог-закон стануваат повеќејазични, т. е. ќе се издаваат и чуваат на македонски и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ.

Со новиот закон претседавачот (претседателот на Собранието или негов заменик) ќе може да зборува на јазик поинаков од македонскиот додека претседава со седница на Собранието, што досега не беше дозволено со Законот од 2008. По донесувањето на новиот закон за употреба на јазиците, Талат Џафери и легално ќе може да води седници на албански јазик.

7. Владата на РМ повеќе нема да работи само на македонски

Новина е и воведувањето на малцинските јазици во работата на Владата на РМ. Кога избран или именуван фунционер кој зборува јазик различен од македонскиот ќе претседава или зборува на седници, комисии и колегиуми, според новиот закон, ќе зборува и на тој јазик покрај македонскиот (член 5). Понатаму, слично како и со предвидените измени во работата на Собранието, сите документи, стенограми и акти кои во иднина ќе бидат донесени од страна на Владата ќе мора да бидат во најмала рака двојазични (македонски и албански), со оглед на моменталната состојба во општеството.

8. Задолжителни двојазични веб страници, печати, називи на институции и канцеларии и на централно ниво

Предлог-законот ја регулира употребата на јазиците во називите, печатите, веб страниците на централните институции и канцелариите на локалната самоуправа каде над 20% зборуваат јазик различен од македонскиот. Според предлогот, ќе мора да бидат напишани и публикувани на македонски и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% граѓаните во РМ, со иста големина и фонт.

9. Промена на пари, поштенски марки, униформи

Можеби најконтроверзното во новиот Предлог-закон е тоа што во членот 8 се предвидува промена на книжните и кованите пари со вметнување на симболи од заедниците во кои над 20% се зборува јазик различен од македонскиот. Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, бандеролите исто така ќе се пишуваат на тој јазик, а во најмала рака двојазични стануваат и униформите на полицајците, пожарникарите и здравствените работници во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот.

Останува спорно како двојазични униформи допринесуваат кон јазичните права на малцинствата во земјава. Двојазичните униформи немаат никаква посебна комуникациска или лингвистичка вредност, а збунува и тоа што Предлог-законот ги наложува само во Скопје и во општините со поголемо малцинско население. Зарем во една унитарна држава има потреба од две различни униформи во две локални заедници на истата таа држава? Зарем не е тоа ефективно бинационализирање на државата? Различни симболи за еден дел од државата и поинакви за другиот дел од истата?

10. Повеќејазично судство и нотари

Законот од 2008 во контекст на судските постапки го истакнува и промовира ПРЕВЕДУВАЊЕТО на други јазици сочувувајќи го македонскиот како основен и независен во судската постапка, додека новиот Предлог-закон предвидува ЦЕЛОСНА ПРИМЕНА на јазиците различни од македонскиот. Отсега сите постапки покрај македонски, би се воделе задолжително и на друг јазик доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во РМ (член 9). Истото важи и за сите одлуки, писмени и други акти кои произлегуваат од постапките, а судовите ќе бидат обврзани да овозможат задолжителен превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагањата, изјавите и рочиштата. Необезбедувањето превод ќе се смета за суштинска повреда на постапката, а трошоците од преведувањето за странките и учесниците во постапката, вклучително и судскиот преведувач паѓаат на товар на судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции вклучени во постапката.

Дополнително, постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки, извршителите и нивните налози, заклучоците, записниците, службените белешки и другите акти покрај македонскиот, ќе може да се извршуваат и издаваат и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ (член 10).

11. Проширување на употребата на малцинските јазици во изборниот процес

Досега, друг јазик покрај македонскиот се употребуваше во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваа на тој јазик. Според Законот од 2008, листите на кандидати се поднесуваат и на јазик различен од македонскиот, како и гласачките ливчиња се печатат на македонски и на службениот јазик што го употребуваат граѓаните во одредена општина.

Ново во Предлог-законот е тоа што предвидува задолжителна употреба на друг јазик и на седниците на Државната изборна комисија, во спроведувањето на изборите и во работата на сите комисии, други тела и институции и тоа подеднакво со македонскиот. Не го регулира јазикот на печатените изборни материјали (или пак авторот го нема тоа забележано во тексто на Предлог-законот).

12. Употреба на малцинските јазици на граничните премини и аеродромите

Уште еден од контроверзните новитети во новиот Предлог-закон е воведување на двојазичност или повеќејазичност на граничните премини и аеродромите „кои се наоѓаат на подрачја каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот“. Називите на институциите, натписите и потоказите, покрај македонскиот ќе содржат и други јазици на останатите националности во земјава. Како што беше случај и со униформите, повторно апсурдно делува неупотребата на истиот јазичен стандард врз целата територија на државата. Нејасна е функцијата на таквите табли и патокази на границите ако се земе в предвид дека нивната примарна функција е да информира луѓе кои влегуваат во земјава, а не луѓе кои излегуваат. Повторно се доведува во прашање лингвистичката вредност на овој став од Предлог-законот. Дали воопшто станува збор за остварување на некакви јазични права или пак води кон обележување територии и формирање на енклави?

13. Службениот весник на РМ во најмала рака станува двојазичен

Членот 17 од новиот Предлог-закон воведува ново правило сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од сите институции на централно и локално ниво кои законски се обврзани да публикуваат во Службениот весник на РМ, тоа да го прават на македонски „и на јазикот кој го
зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо“.

14. Формирање на агенција и инспекторат во кои ќе се вработуваат дипломирани филолози по албански јазик

За жал, Предлог-законот е уште еден нормативен акт кој ќе доведе до зголемување на бирократијатијата во РМ преку создавање нови институции за мониторирање на примената на законот за употребата на јазиците. Имено, член 18 од предлогот предвидува формирање на „Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија“ којашто ќе има за цел да ја промовира и заштити примената на малцинските јазици, а ќе има и својство на правно лице кое ќе биде надлежно за стандардизирањето и воедначената употреба во институциите на централно и локално ниво.

Агенцијата ќе има директор со четиригодишен мандат кој ќе биде назначуван од Владата, и ќе вработи овластени судски преведувачи, лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори (став 3, член 18). Обрнете внимание на тоа како повторно се издвојува и фаворизира албанскиот јазик во Предлог-законот, а останатите малцинства и нивните јазици во земјава се дискриминираат и занемаруваат, што според толкувањето на авторот на статијава, делува противуставно. Агенцијата ќе биде надлежна за поддршка во спроведувањето на законот; вршење превод и лекторирање; преземање мерки за унапредување на малцинските јазици; изготвување на извештаи; подготвување стручно-аналитички материјали за потребите на Владата; давање стручно мислење; и други работи поврзани со целите на овој закон.

Понатаму, новиот Предлог-закон предвидува формирање и на „Инспекторат за употреба на јазиците“ во состав на Министерството за правда. Неговите надлежности ќе се регулираат со посебен закон.

15. Казни и глоби за правни и физички лица

За разлика од Законот од 2008, новиот Предлог-закон предвидува глоба во износ од 4,000 до 5,000 евра во денарска противвредност за прекршок кој ќе се изрече на органите и институции наведени во законот за непочитување на одредбите од истиот (член 22). Службените и одговорните лица исто така ќе бидат казнувани со глоба во износ од 30% од одмерената глоба на неисполнување на обврските предвидени со овој закон.

Заклучок

Дали новиот закон им дава повеќе права на малцинствата во Република Македонија? Дали е противуставен и вонрамковен како што некои тврдат? Дали може да ги наруши општественото уредување и меѓуетничките односи во земјава?

Личното мислење на авторот на статијава е не, да и да. Во однос на првото прашање, начинот на кој е напишан предложениот закон ја фаворизира само албанската заедница во македонија и ги дискриминира сите останати: Турците, Бошњаците, Србите, Ромите и сите останати малцинства и нивниот јазик. Ефективно отвора врата за бинационализирање на државата и можна промена на нејзиниот унитарен карактер. Во второто прашање, јасно е дека овој Предлог-закон се коси со важни принципи загарантирани во Уставот на РМ, а секако, со закон не може да се смени или надополни највисокиот правен акт во земјава. Уставот ги третира сите граѓани подеднакво, вклучително и останатите припадници на помалите заедници во Македонија. Овој Предлог-закон со истакнувањето и фаворизирањето на албанскиот јазик промовира идентитеска политика и дискриминира по национална основа. Одговорот на третото прашање произлегува од претходните две: редуцирањето на македонскиот јазик на само еден од јазиците во Македонија, како и фаворизирањето на албанскиот, јасно кажува дека политичката елита на власт, со прифаќањето на овој Предлог-закон, има за цел да ја промени земјата онаква каква што ја знаевме досега.

И после ова сѐ, како цреша врз шлагот дојде и веста дека Владата ќе ја консултира и Венецијанската комисија која е само советодавно тело на Советот на Европа и чии препораки не се обврзувачки. Збунувачки и нелогичен е потегот да се консултира советодавно тело за прашања од внатрешно уредување на државата и тоа ПОСЛЕ УСВОЈУВАЊЕТО на Предлог-законот од страна на Владата (post festum), а не ПРЕД усвојувањето. Комисијата е замолена да одлучува во однос на тоа дали Предлог-законот е усогласен со македонскиот Устав, посебно во делот за двојазичните униформи и парите, што е збунувачки со оглед на фактот што во оваа земја постои Уставен суд, кој директно е надлежен за овие прашања и ниту една наворешна комисија не може да се постави над судот.

Се надевам дека имавте трпение и концентрација да ја прочитате статијава до крајот. Како што можам да заклучам од компаративната анализа на двата документа, Законот од 2008 и новиот Предлог-закон значително се разликуваат. Најмногу корист од новиот ќе добијат Албанците во Македонија, чиј јазик и симболи се издигнуваат над останатите малцинства, градејќи потенцијал за противуставна бинационализација на државата, енклавизирање и јазично доминирање. Со овој Предлог-закон радикално и нагло се менува обликот на општествениот соживот, се прави експериментален социјален инженеринг и избрзано се протуркуваат драстични општествени промени без поширока јавна дебата под изговор дека е дел од процесот на нашата евроинтеграција. Со новиот закон повторно се креираат меѓуетнички тензии, посебно ако се земе в предвид дека новиот закон ќе биде имплементиран преку санкционирање и со предвидени казни.

Се надевам дека со помош на мојот правен инстинкт направив објективна, прецизна и аргументирана анализа која ќе допринесе за расчистување на забуната во јавноста во врска со разликите помеѓу стариот и новиот закон. Дека ќе разјасни што се добива, а што се губи. Мојот впечаток е дека токму го „поправа она што не е скршено”.

1 Коментар

  1. ВЕНКО ФИЛИПОСКИсептември 19, 2017 во 5:09 pm

    ВО МАКЕДОНИЈА Е И ЌЕ ОСТАНЕ ДРЖАВНИОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. СИТЕ ДРУГИ ЈАЗИЦИ ЌЕ ОСТАНАТ САМО НА ЛОКАЛНО НИВО НА УПОТРЕБА.
    ДА СЕ ЧИТА ЕВРОПСКИОТ ЗАКОН КАКО ПРЕДВИДУВА, ЗАТОА ШТО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ Е ИНКРИМИНИРАН СО ПОГРЕШНИ АМАНДМАНИ, И КОНТРААМАНДМАНИ КОЈ НЕМААТ ПРАВНО ОБЈАСНУВАЊЕ ЗАШТО СЕ ДОНЕСЕНИ. СО ТОА СЕ БЛОКИРАНИ ГЛАВНИТЕ ЧЛЕНОВИ НА УСТАВОТ А КОЈ СЕ ЧИСТИ И ЈАСНИ. ДА СЕ ПОСТАПИ ПО ЕВРОПСКАТА
    ПРАКТИКА НА ДРЖАВЕН ЈАЗИК, НО И НА ПОИМОТ НАЦИОНАЛНОСТ ВО ДОКУМЕНТИТЕ НА ДРЖАВЈАНИТЕ. ВО МАКЕДОНИЈА ЖИВЕАТ САМО МАКЕДОНЕЦ И МАКЕДОНКА ПО ДРЖАВЈАНСТВО. ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НЕКА СИ Е НЕГУВА СЕКОМУ МУ Е ОДОБРЕНО.
    НЕКА СЕ ЗАФАТАТ ИНСТИТУЦИИТЕ СО РАБОТА И НЕКА НЕ ЌУТАТ ТУКУ ДА МУ ГО ОБЈАСНАТ ТОА НА ГРАЃАНИТЕ. ДРУГО Е ПРАШАЊЕТО ЗАШТО ПОЛИТИЧАРИТЕ МУ ВЕТУВАА СЕ И СЕШТО ПОГАЗУВАЈЌИ ГО ДОСЛОВНО ЦЕЛИОТ УНИТАРЕН ГРАЃАНСКИ ЕВРОПСКИ УСТАВ. ЕВРОПСКИТЕ ЗНАМЕНЦА СЕ СТАВЕНИ НА МАСА ЗА ИНКРИМИНАЦИЈА , ДОДЕКА ЕВРОПСКИОТ УСТАВ И ПРАКТИКАТА ВО ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ Е СОСЕМА ДРУГО. А НИЕ ОДИМЕ ВО ЕВРОПА И ТРЕБА ДОСЛОВНО ДА СЕ ДРЖИМЕ НА ТОА ПОЗДРАВ.

    Одговори

Вашата е-адреса нема да биде јавно објавена.