Блог за когнитивни науки и други љубопитности

Јавното мислење и демократијата

Јавното мислење и демократијата

Јавното мислење е една од формите на изразување кои станаа карактеристични за ХХ век со појавата на медиумите и нивното вклучување во политичкиот живот. Клучниот концепт за постоењето на јавното мислење е демократијата и нејзините начела и принципи. Поврзаноста на овие два ентитета во една целина е битен процес кој ги движи денешните човечки општества.

Почетоците на јавното мислење како изразна и детерминирачка форма датираат уште од Римското време и правно-политичкиот поредок во периодот на Римската империја. Римјаните го третирале концензусот на повеќето граѓани како клучен елемент кој влијаел врз донесувањето на политичките и правните акти. Понатаму, еден од најголемите политички филозофи и државници Niccolò Machiavelli велел дека “гласот на народот е гласот на Бога”, со што може да ја увидиме неговата верба во силата на заедничкото мислење. Современите политиколози сметаат дека еден од првите филозофи кој ја употребил синтагмата “јавно мислење” во контекст на Француската револуција е Jean-Jacques Rousseau, потврдувајќи го со тоа неговиот придонес во револуцијата и Западно-европското движење за индивидуалните права заедно со неговите залагања против апсолутизмот на црквата и државата. Првите истражувања за јавното мислење започнуваат со развојот на бизнис организациите и едукативните институции во периодот на 40-те години од ХХ век, преку пионерските трудови на George H. Gallup, Elmo Roper и Archibald M. Crossley. Денешните социолози, политиколози и новинари се согласуваат дека јавното мислење ги претставува ставовите, перспективите и повластиците на популацијата во однос на некој настан или прашања од заеднички интерес.

Со вградувањето на демократијата како општествена-владејачка политика, се создаваат и темелите на јавното мислење. Во формирањето на јавноста најголем удел заземаат медиумите. Преку нивниот постојан надзор врз политиката и политичките текови медиумите придонесуваат кон формирањето на јавното мислење на граѓаните на една држава. Од друга страна пак, за да се дефинира едно демократско општество потребно е да се погледне можноста за развивање и функционирање на јавното мислење. Силното и организирано јавно мислење треба да се потпира на неколку претпоставки:

  • Јавноста е заинтересирана за владата и нејзината политика
  • Јавноста знае што сака
  • Јавноста има способност да изрази што таа сака
  • Вољата на јавноста ќе биде втемелена во законите

Како прва придобивка од демократизацијата на јавното мислење е дифузијата на владејачката моќ. За да дојде до дифузија и контрола на концентрацијата на владеењето, мора да постои одреден баланс и децентрализација во однос на моќта. Децентрализацијата во овој контекст подразбира слобода на различните групи кои ја формираат јавноста и јавното мислење да имаат слободен пристап до информациите од јавен карактер и увид во работата на владата, како и право да влијаат врз донесувањето на одлуките кои ја засегаат јавноста. Сама по себе, децентрализираноста подразбира и слободни медиуми кои ќе го насочат патот кон формирањето на јавното мислење за одредените политички активности на властите.

Втората главна придобивка од чесниот однос на јавност-влада (јавно мислење-демократија) е полесното подготвување и спроведување на правните и нормативните акти кои мора да се донесуваат под будното око на јавноста. Во тој поглед, луѓето се повеќе мотивирани да ги почитуваат демократски донесените закони отколку кога тие произлегуваат од самоволието и авторитарноста на власта. Исклучително е важно да се запамети клучниот збор “чесност” за да се избегне маскираната форма на контрола од страна на властите кои под превезот на демократијата ја насочуваат јавната дебата кон строго контролирани прашања, прашања кои вистински не произлегуваат од народот. Во оваа насока, познатиот Noam Chomsky вели:

Паметен начин да се држат луѓето пасивни и потчинети е прецизно да се ограничи распонот на прифатливото мислење, но да се овозможи жива дебата во рамките на тој распон — во кој дури и ќе се охрабруваат критичките и дисидентните погледи. Тоа им дава чувство на луѓето дека всушност се одвива слободно мислење, додека во меѓувреме скриените предодредености на системот се засилуваат преку ограничувањето на опсегот на дебатата. (стр. 43)

Во оригинал:

The smart way to keep people passive and obedient is to strictly limit the spectrum of acceptable opinion, but allow very lively debate within that spectrum — even encourage the more critical and dissident views. That gives people the sense that there’s free thinking going on, while all the time the presuppositions of the system are being reinforced by the limits put on the range of the debate. (p. 43)

Развојот на државите ќе зависи од тоа колку владите ќе го почитуваат и ценат јавното мислење, како и во колкава мерка тоа е изградено и дефинирано. Балансирањето на овие два водечки ентитета во едно општество ќе доведе до вистинска демократија во која ќе се почитува желбата на народот.


Библиографија:

Chomsky, N., Barsamian, D., & Naiman, A. (1998). The common good. Monroe, ME: Odonian Press.

Имате ли коментар? Напишете го тука:

Вашата е-адреса нема да биде јавно објавена.