Блог за когнитивни науки и други љубопитности

Дали авионскиот сообраќај станува поопасен?

Airplane

2014 година ќе остане запаметена по неколкуте трагични авионски несреќи кои се случија во период од само половина година. Во изминатите четири месеци, Malaysia Airlines изгуби два авиона во кои загинаа вкупно 537 патници и членови на екипажот. Првиот лет MH370 мистериозно исчезна над Индискиот океан, додека вториот MH17 беше срушен над Украина со помош на ракетни системи земја-воздух, најверојатно од страна на про-руски сепаратисти кои се борат за отцепување на источниот дел од земјата (проценка на САД[1]). Понатаму, во два одвоени наврати и со разлика од само еден ден, авиони на TransAsia (GE222) и Air Algérie (AH5017) се рушија во Тајван и проблематичниот Мали, убивајќи притоа 166 луѓе.

Авионските несреќи кои се случија во овој краток период разбирливо предизвиикаа реакции во јавноста и анксиозност кај патниците. Многу луѓе се запрашаа дали авионскиот сообраќај станува поопасен и дали веќе го губи статусот на "најбезбедниот начин на транспорт". Одговорот на ова прашање лежи во статистичките податоци.

Најпрво, бројот на авиопатници расте од година во година. Според податоците на Светска Банка, авиопревозниците низ целиот свет услужиле околу 1.7 милијарди патници во 2000 година, бројка која пораснала на 3 милијарди во 2013, што значи дека во рок од тринаесетина години бројот на превезени патници приближно пораснал за два пати (Слика 1). Магазинот Air Transport World пренесува податоци од Асоцијацијата за Интернационален Транспорт (International Air Transport Association, IATA) која предвидува дека бројот на авиопатници на светско ниво во 2014 ќе скокне уште за околку 30 милиони споредено со претходната 2013 година (податоците се земени од посреден извор затоа што публикацијата на IATA во која проекциите се пресметани чини 2,499 амерички долари — или нашки кажано — "многу пари, брат"). Од друга страна, податоците на Светска Банка за Република Македонија укажуваат на тоа дека за разлика од светскиот тренд, авиопревозот на патници се намалува во земјата, достигнувајќи го врвот од 599 илјади во 2000 година и опаѓајќи на 87 илјади во 2009 (Слика 2).

Слика 1. Извор: World Bank
Слика 1. Извор: World Bank

Слика 2. Извор: World Bank
Слика 2. Извор: World Bank

Додека бројот на авиопатници драстично се зголемува, бројот на авионски несреќи во кои има жртви покажува линеарен тренд на намалување. Според архивите на Бирото за Авионски Несреќи (Bureau of Aircraft Accidents Archives) со седиште во Женева, бројот на авионски жртви драстично се намалил во последните 20 години (Слика 3). Ако се споредат 20те години во периодот помеѓу 1995 и 2014 година со двете декади опфатени од 1975 до 1994, може да заклучиме дека и покрај фактот што многу повеќе луѓе летаат во последниве години, бројот на загинати се намалил скоро за половина или од вкупно од 41,402 на 25,819. Истовремено, линеарниот тренд во последните 20 години е поостар што покажува дека подобрувањето на безбедноста во авионскиот сообраќај расте со побрзо темпо што најверојатно се должи на современата технологија и подобрените авиорегулативи (спореди ги црвените линии во Слика 3 и 4).

Слика 3. Извор: Bureau of Aircraft Accidents Archives © B3A/ACRO
Слика 3. Извор: Bureau of Aircraft Accidents Archives © B3A/ACRO

Слика 4. Извор: Bureau of Aircraft Accidents Archives © B3A/ACRO
Слика 4. Извор: Bureau of Aircraft Accidents Archives © B3A/ACRO

Бројот на загинати во авионски несреќи не е ист за секој авиооператор. Како што може да се види од Слика 5 во која дваесет оператори се рангирани според бројот на жртви, рускиот Aeroflot е убедливо на прво место со 10,130 загинати, а веднаш по него е америчкиот United States Air Force со 9,346 загинати. Иако на многумина им изгледа дека Malaysia Airlines е исклучително лоша авиокомпанија поради несреќните околности за неа да има две големи авионски трагедии во толку краток период, сепак статистиката покажува дека од вкупниот број жртви во авиопревозништвото, само 671 се должат на оваа компанија, што ја става на 25то место во светот по број на жртви. Многу важно е да се напомене дека ранг листата во Слика 5 мора да се интерпретира со претпазливост и да не се етикетираат компаниите како "добри" и "лоши", бидејќи овие бројки мора да се погледнат во поширок контекст, т.е. да се вклучат останати варијабли како број на извршени летови, број на прелетани километри, години на постоење, геолокација и оперирање во различни временски услови, итн., нешто што е над опсегот во овој напис.

Слика 5. Извор: Bureau of Aircraft Accidents Archives © B3A/ACRO
Слика 5. Извор: Bureau of Aircraft Accidents Archives © B3A/ACRO

Како заклучок, безбедноста на авионскиот сообраќај не е нарушена и покрај несреќите кои се случија во првата половина на оваа година со оглед на фактот што бројката од 991 жртва во 2014 е сепак е далеку помала од на пример, 1586 загинати лица во 2000 година. Останува да се надеваме дека оваа бројка нема понатаму да расте и дека авиокомпаниите и регулаторните тела ќе работат поинтензивно на построги безбедносни регулативи со цел да се спречи загубата на животи.


Авторски права за насловната фотографија: Kuster & Wildhaber Photography – http://flic.kr/p/a76V7y

  1. http://ukraine.usembassy.gov/statements/asmt–07192014.html  ↩

3 Коментари

  1. „..Како заклучок, безбедноста на авионскиот сообраќај не е нарушена и покрај несреќите кои се случија во првата половина на оваа година..“

    Како фактор не можеш да земеш несреќи/незгоди за кои се уште не се знае ништо конкретно и се додека истрагата е On-going.
    Настрана тоа, во случаите што ги кажуваш за оваа година воздушниот сообраќај имаше учество со 0% како таков.

    Одговори
    • “Како фактор не можеш да земеш несреќи/незгоди за кои се уште не се знае ништо конкретно и се додека истрагата е On-going. ”

      — Не постои таков фактор во написот. Прикажани се статистички податоци за КОИ СЕ ЗНАЕ бројот на жртвите. Заклучокот е базиран на историски податори и линеарниот тренд во последните 40 години на опаѓање на цивилни жртви во воздухопловството, и покрај фактот што секоја година бројот на луѓе што летаат се зголемува за неколку милиони.

      “Настрана тоа, во случаите што ги кажуваш за оваа година воздушниот сообраќај имаше учество со 0% како таков.”

      — ова не го разбирам.

      Одговори
      • Во двата случаи на Малезија, сообраќајот по воздушен пат како таков имаше 0% учество.
        Несреќите/незгодите се случија од „виши сили“ кои воопшто не спаѓаат во полето воздушен сообраќај (структурно откажување, грешка човечка, системски пад и слично). Насловот ти вика дали воздушниот сообраќај станува поопасен?

        Зошто поопасен? За кого поопасен?

        Замисли патниот сообраќај. Милиони загинати во сообраќајни незгоди. Фактори кои ги предизвикале – лесно достапни.
        Интересно, никој не согледува тоа. Никој не го нарекува поопасен. Направи пример статистика на тоа. Број на жртви во последните 40 години. Повеќе возила – повеќе загинати.

        Многу ми е мило за постов. Не сум сам.

        Одговори

Вашата е-адреса нема да биде јавно објавена.